[Фото] Малите хуманитарци од Битола

Една чаша сок е пет денари, а една рачно изработена белегзија чини десет денари. По симболична цена, малите битолчани поставија свој импровизиран штанд на Широк сокак. Парите што ги собираат ќе ги донираат за лекување на 21-годишниот Никола Колев, кој боледува од карцином на меко и сврзно ткиво.

Тие со својата акција брзо ги освоија симпатиите на граѓаните, кои ги пофалија на социјалните мрежи. Фотографии од нивната акција беа споделени во Фејсбук групата „Битола сака чист воздух“.

„Браво за дечките, многумина треба да се огледаме на нив, деца за почит, такви треба да бидеме сите“, се вели во еден од коментарите.

„Браво за дечињата, мали души, вредни за почит“, стои во друг коментар.