[Фото] Лекарите на протест – Не смееме да си дозволиме работа под страв во и онака лоши услови

„Доста е насилството врз медицинскиот персонал“, порачаа денеска лекарите кои излегоа на мирен протест во Клиничкиот центар. Бараат заштита од зачестените напади.

Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари вели дека нападите се „последица на трулиот здравствен систем кој 30 години системски е уништуван и го влошува односот помеѓу здравствениот работник и пациентот“.

„Ова ќе биде наша последна опомена и изразуваме револт за физичките напади. Не смееме да си дозволиме да работиме под страв во ионака лоши услови“, изјави тој во името на лекарите.

„Во моментв, двете најголеми родилишта во оваа држава се без еден човек обезбедување. Дали е тоа нормално?“, праша Лазаров.

Лекарите побараа итно донесување на Закон за докторска дејност кој ќе биде составен во соработка со сите еснафските здруженија и итно законско изедначување на нападот на целиот медицински персонал со напад на службено лице.

„Праксата говори дека безмалку 95 проценти од нападите врз физички работници завршуваат со парична казна и прекршочна. Тоа е недозволиво“, посочи Лазаров.

 

View this post on Instagram

 

Протест на лекарите пред Клиничкиот центар во Скопје

A post shared by Radio MOF (@radiomof) on

Покрај ова, лекарите бараат полициско обезбедување на сите поголеми здравствени останови, особено на ургентните центри каде најчесто се случуваат инцидентите. Инсистираат и вклучување на Асоцијацијата и другите чинители во носење на понатомшни политики.

„Имаме состаноци, разговараме и останува на тоа. Она што нас не’ револтира е затвореноста на Лекарската комора, која по закон е наш легитимен претставник и мора да не вклучи сите здруженија заедно, да ги коригираме барем дел од проблемите“, надополни Лазаров.

Покрај ова, лекарите побараа и воведување систем за внатрешна контрола и санкција на самите медицинари со цел да се спречи некоректниот однос на дел од здравствените работници.

Неговиот колега Божидар Кочовски, пак, се надоврза велејќи дека нивните барања се со цел да се изгради здравстен систем кој ќе се посвети на пациентот.

„Тој да е центарот на здравствениот систем и ние сакаме да им помогнеме, да ја подобриме комуникацијата помеѓу пациентите и нас како здравствен персонал, за да се слушне нивниот глас, да се најдат решенија кои ќе придонесат за подобро функционирање за сите – и за нив и за нас“, рече тој.

На протестот се појави и министерот Венко Филипче. Тој им даде поддршка на своите колеги, но на прашање какви системски решенија нуди, тој ги повторуваше мерките што ќе ги преземат во однос на безбедноста, а кусо спомна дека работат на зголемување на платите и подобрување на условите за работа.

Министерот најави мобилна патрола во старата градска болница, каде, како што рече, имало најмногу инциденти, особено во дежурствата. Со МВР анализирале и заклучиле дека најсоодветно решение е ангажирање на полициски службеници.

„ Со министерството за правда и за внатрешни работи започнавме акција, со која сакаме да укажеме дека сите тие напади се казниви, дека се предвидени парични казни, но и казна затвор. Еден дел од напаѓачите, во последните случаи на насилство над здравствени работнции, завршија во притвор“, рече Филипче.

На протестен собир денеска излегоа и дел од вработените во градските болници „8ми Септември“, „Св. Наум Охридски“во Скопје, но и лекари од внатрешноста на земјава од болнците, поликлиниките и приватните и јавни здравствени установи.

Фото: Радио Валандово

Фото: ПЗУ Медика Центре Тетово

Поликлиника „Ѓорче Петров“

Властите имаат краток рок за да го решат проблемот за кој сите се согласија дека е комплексен, во спротивно посочи Лазаров – „следниот протест ќе почне и нема да заврши“.

Емилија Петреска

Фото: Мартин Колоски