[Фото] „Корона квиз на одговорност – чија е топката и кој е крив“ – артивистичка акција во Штип

Преку инсталацијата „Топката на одговорност“ која денеска групата „Штип Арт Активизам“ ја постави на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип, активистите сакаат да пренесат порака дека сите институции имаат одговорност, почитувајќи ги законите, да реагираат навремено со цел помал број на заразени со Ковид-19. Дополнително, тие посочуваат дека граѓаните можат директно да ги посочат институциите кои требало да реагираат навремено, прецизно и согласно нивните надлежности и ингеренции.

„Штип како град беше еден од најпогодените и градови со една од најголемите бројки на заразени од вирусот Ковид-19.Но сега по завршувањето на пикот на пандемијата и во исчекување на нов бран на заболени, Штип арт активистите спроведоа уште една акција и овој пат главниот акцент го ставаме на одговорноста, односно, неодговорноста и (не)постапувањата на институциите. Истите во изминатиот период си ја префрлаа ‘топката на одговорност’ и со тоа се отстапи време за конфузија помеѓу граѓаните, но и злоупотреби од поединци од чија неодговорност трпеше целиот град и сите граѓани. Исто така сакаме граѓаните да го постават прашањето почнувајќи од себе па потоа прашувајќи ги и работодавачите, институциите, локалните власти, превозниците кој е виновникот за драстичното зголемување на заболени во Штип и чија е одговорноста за (не)постапување..“, велат активистите.

Во меѓувреме, тие поставија уште една инсталација во коритото на реката Отиња, додавајќи дека сакаат граѓаните првично да си го постават прашањето, па потоа прашувајќи ги и работодавачите, институциите, локалните власти и превозниците, за тоа кој е виновникот за драстичното зголемување на заболени во Штип.

„Очекуваме истите тие да почнат да прават поголем притисок да се почитуваат мерките и препораките да се анимираат поголем број на граѓани, институции и работодавачи за подигање на свеста за придржување до мерките и препораките, построго делување на инспекторатите и институциите се со цел помали штети по животот и здравјето на граѓаните, компаниите и целиот град при идниот бран на Ковид-19 кој се очекува“, стои во соопштението на групата.

„Апелираме до сите граѓани, работодавачи, превозници и институции, да ги почитуваат мерките, да бидеме сите одговорни, солидарни, на висина на задачата и да го заштитиме колективното здравје во нашиот Штип. Апелираме до институциите да не си ја префрлаат одговорноста и да почнат да делуваат согласно законите..“, додаваат од групата.