[Фото] Како е да се биде во лавиринтот по кој чекорат барателите на социјална помош од Шуто Оризари?

Граѓани во центарот на Скопје денеска можеа да се прошетаат низ импровизираниот лавиринт со кој се справуваат барателите на социјална помош во Шуто Оризари и директно да се уверат со какви проблеми се соочуваат овие граѓани.

„Доста за изгубени предмети“, „Кодекс на однесување на персоналот во Центарот“ и „Навремена исплата на Гарантирана минимална помош“ се само неколку пораки кои беа истакнати на креативната акција „Лавиринтот во Центарот за социјална работа во Шуто Оризари“ која ја направија група активисти.

Тие преку оваа акција изразија незадоволството од страна на ромската заедница поради нефункционалноста на Центарот за социјални работи во Шуто Оризари и истовремено испратија порака до надлежното Министерство за труд и социјална политика дека на овој Центар му се потребни сериозни реформи за соодветно да профункционира.

„Уличниот перформанс симболично замислен како лавиринт е заснован на секојдневните случувања, лични искуства, животни приказни и вистинити изјави од барателите на социјални услуги во ЦСР во Шуто Оризари и е последица на невозможноста во
институционалниот лавиринт да се остварат социјални права кои Уставот ги гарантира, а законот овозможува пристап и остварување на истите“, објаснуваат активистите.

Тие истовремено ги посочија и најчестите проблеми и пречки со кои ромската заедница се соочува во пристапот до социјални услуги:

  • Доставување или недоставување на решенија и одлуки вон законскиот рок за поднесените барања, и неиздавање на архивски броеви за одделните предмети го оневозможуваат правото на жалба во законски рок на барателите;
  • Социјалните работници во Центарот за социјални работи во Шуто Оризари, субјективно, без да излезат на терен ја оценуваат фактичката состојба на ромските домаќинствата со што го оневозможуваат остварувањето на социјалните права;
  • Некоординиран пристап, недоволна екипираност и немање капацитет и стручност на службите на ЈУМ ЦСР-Шуто Оризари;
  • Неможност да се воспостави нормална и редовна комуникација меѓу вработените во институцијата и барателите на социјална помош;
  • Немање на капацитети и лоши просторни услови, како и маргинализација на центарот од страна на ресорното Министерство.

Акцијата е дел од обуката за креативен активизам на ромски организации која ја спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија. Во креирањето и спроведувањето на акцијата учествуваат претставници на Романо Чачипе – Скопје; ИРИЗ – Скопје; Национален ромски центар – Куманово и Станица П.Е.Т. – Прилеп.

Повеќе фотографии од акцијата видете ТУКА.