[Фото] Јајца за зградата на Студентски парламент, студентите се упатија кон УКИМ

По повеќе од еден час скандирање пред канцелариите на Студнтскиот парламент, студентите, заедно со поголема група на граѓани, се упатија кон Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тие на заминување фрлија неколку јајца кон прозорите на СПУКМ.

Во придружба на полиција, студентите извикуваат „Која сила ќе го сопре гласот на студентите“.

Протестот започна во 19 часот пред СПУКМ, каде свои обраќања имаа студентите Александра Живковиќ, Ивана Туфегџиќ и Демијан Хаџи Ангелковски.

Тие порачаа дека УКИМ е на студентите и дека ќе го вратат во своите раце, а воедно и побараа ректорската управа и ректорот да ги поништат изборите и да се произнесат за вчерашното како што велат, насилство врз студентите од страна на ЕБР, за време на блокадата.

Претходно, Пленумот најави порадикални чекори во наредната академска година. Од МВР, пак, бараат сите полициски службеници коишто се однесувале грубо да бидат најдени од снимките коишто ги поседува МВР и веднаш да се покрене дисциплинска постапка против нив. Во спротивно, велат од Пленумот, тие засебно ќе поднесуваат кривични пријави, против министерот, командирот и секој што ставил потпис за синоќешната акција.