Фото-изложба и поетско претставување на Јоханес Баилхарц во Струмица и Гевгелија

Јоханес Баилхарц, писател, поет, преведувач, сликар и фотограф од Германија, кој во моментот живее и работи во Рим, Италија својата работа ќе ја претстави пред публиката во Струмица.

Првиот настан е закажан за 13 август 2015 година (четврток), во Sub Club – Струмица, со почеток во 20:00 часот. Вториот настан се реализира во соработка со Дом на култура Гевгелија, во познатиот простор на галеријата „Амам“ во Гевгелија на 15 август 2015 година (сабота), со почеток во 20:00 часот.

Публиката ќе има можност да се запознае со литературното творештво на Јоханец Баилхарц и со неговата уметничка работа како фотограф. На изложбата ќе биде претставена серија на црно бели фотографии дел од негов пообемен циклус кој го работи изминативе неколку години.

Баилхарц е роден е 1956 година во Оберндорф на Некар, Германија. Студирал англиски и романски јазици и литература на Универзитетот во Регенсбург, Германија, а потоа англиска литература/ креативно пишување на Универзитетот во Колорадо, Болдер, САД (М.А. 1981 год). Писател, преведувач, сликар и фотограф. Пишува на германски и на англиски јазик. Негови дела се застапени во најразлични изданија на англиски и германски, како антологии, списанија, интернет портали и е-списанија во САД, Германија, Австралија, Романија и Индија. Во моментот живее во Рим, Италија и Плајзхаузен, Германија.

Досега ги има објавено книгите: Рурални песни (поезија), Книга (поетски преводи, заедно со Патрик Каротерс и Ејми Левин), Злите мравки (Die gottlosen Ameisen) (раскази), Крај на играта (краток драма објавена под името Џејмс Стирфорт), Индиски песни и раскази (Indische Gedichte und Geschichten (преводи на индиска поезија и песни и раскази поврзани со Индија), Најдобро од Меме (поезија и кратка проза), 101 (хаику и Фибоначи песни), Финската џез песна за неразбраниот (Eine finnische Jazznummer für die Missverstandenen) (песни).

Тој учествуваше на Меѓународниот фестивал „Curtea de Argeş“ – вечери на поезијата во Романија, во 2014 година, а исто така зеде учество и на првата светска конференција на 100 илјади поети за промена во Салерно, Италија, во 2015 година. Организатор на настанот е Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“.