[Фото] Исечени липи утрово во Карпош

Неколку липи утрово беа исечени на раскрсницата меѓу булеварот „Партизански одреди“ и „Рузвелтова“, во населбата ‎Карош 1, револтирани се жителите на општината кои утрово преку социјалните мрeжи реагираа на уништувањето на зеленилото. Како што може да се види од фотографиите подолу, на местото каде се исечените дрвја има градежни активности.

11057360_10206396093357286_5065080595274775953_n

Ова е само една од бројните граѓански реакции против „бетонизацијата“ и за спас на земенилото во општина која деновиве ја започнаа жителите на Карпош 4. Тие побараа стопирање на најавените измени на Деталниот урбанистички план, со кој на дел од зеленилото се предвидува изградна на паркинзи, станбени згради и деловни простори. Подршка за нивното барање стигна и критики за урбаното планирање стигнаа и од жителите на Карпош 1, 2, 3, Тафталиџе и останатите населби во општината.

Освен на социјалните мрежи, борбата за зачувување на зеленилото во општината продолжува преку секојдневни координативни состаноци пред училиштето „Петар Поп Арсов“, каде се планираат следните акции. Како што информираа од иницијативата „Заедно, за заштита на зеленилото во Карпош 4“, барањето за граѓанска иницијатива е одобрено, а во утрово се собираа неопходните 120 потписи за да може иницијативата да биде предадена на Општина Карпош и да продолжи следната фаза.

Од општината Карпош пак во тврдат дека нема да се уништува зеленилото на сметка на паркинзите во Карпош 4.

„ Одговорно тврдам пред граѓаните на Карпош 4 дека ниту една педа зеленило нема да се одземе ниту ќе се градат објекти на зеленило. Сѐ што беше потребно да се направат паркинзи на територијата на општината во изминатите три години се направи. Како локална власт изградивме само за овој дел повеќе од 800 паркинг-места, така што нема потреба од каква било загриженост. Она што порачуваме е дека можат спокојно да живеат и ќе видат дека нема да им биде одземена ниту една педа зеленило на граѓаните од овој дел на општината“, изјави градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.