Исечен дрворедот на „Орце Николов“ во Центар

Утрово беше исечен дрворедот на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало, што многу ги разлути граѓаните во овој дел од градот, но и цело Скопје. Од Општина Центар тврдат дека дрвјата биле стари и трули, но по социјалните мрежи се споделуваат фотографии кои покажуваат дека се исечени и здрави стебла.

Сечата на дрворедот ја најави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

„Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“, утринава отстрануваат 13 дрва на улицата „Орце Николов“, на потегот од раскрсницата со улица „Ленинова“ до раскрсницата со улица „Рузвелтова“. Дрвата кои се отстрануваат се стари и болни, со трули стебла, чии гранки удираат во станбените објекти кои се наоѓаат на улицата и претставуваат опасност за минувачите. Отстранетите дрва наскоро ќе бидат заменети со нови, висококвалитетни садници од видот Јавор, кои од наесен дополнително ќе го красат новиот лик на улицата „Орце Николов“, најави Богдановиќ.

Од иницијативата „Здравјето пред профит во Центар“ пак објавија фотографии на кои се гледаат здрави дрвја.

„Некои дрвја навистина беа болни, ама некои и навистина им сметаа. Секако е изненадување сечењето на дрвјата на ул. Орце Николов, ама е по закон. Така велат“, напишаа од групата.

Сечата на дрвјата беше направена при реконструкцијата на улицата „Орце Николов“, планирана во шест фази, од кои секоја опфаќа посебен дел од улицата. Целиот зафат ќе опфати површина од вкупно 7.182 метри квадратни и ќе чини ќе чини околу 65 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Центар.