[Фото] Иницијативата „Пубоо“ го разубавуваше трансформаторот и околниот простор во Саат Маало

Група од четворица млади, талентирани и искусни графички дизајнери, се понудија да придонесат со нивното знаење и подготвија идејно решение за изгледот на трансформаторот на ЕВН во тетовското Саат Маало, како дел од иницијативата Пубоо / Heshem / Daha Güzel.

Иницијативата викендов го организираше вториот во серијата маалски настани, каде, освен разубавување на трансформаторот, граѓани од повеќе генерации се погрижија и за чистење на околниот простор, работејќи заедно со музика во позитивна и креативна атмосфера.

Од иницијативата велат дека идејата е да се облагороди централниот простор околу некогашната саат кула и џамијата, како еден од највпечатливите делови во Тетово. Односно, локалните жители решија да бараат начини како да го прават просторот похуман, да стане попријатно место во кое ќе растат нивните деца, а притоа ќе се гордеат и родителите.

„Со години наназад, жителите на Саат Маало живеат во услови на постојана гужва од паркирани возила, голема нечистотија и агресивна урбанизација што го гуши духот на едно од најстарите тетовски маала“, соопштија од иницијативата.

Граѓаните преку акцијата потсетуваат и до политичките партии за следните избори да не лепат плакати на трансформаторот, туку просторот да остане во духот на заедницата.

Фото: Пубоо