[Фото] Група жени денеска го „чистеа“ споменикот на АСНОМ во Жена парк

Група од неколку жени денеска со сунгери и детергент се собраат спроти Собранието и со чадори, на дожд, почнаа да го чистат натписот на споменикот посветен на Првото заседание на АСНОМ.

„Јас сум баба и мајка, не сакам децата да ми гледаат нечистотија, не сакам спомениците и градот да ни бидат уништени. Никој не ме повика, сама почуствував потреба да исчистам“, рече за Радио МОФ една од повозрасните жени кои стоеја пред споменикот.

Тие го чистеа црвениот графит на кој пишуваше „Ова беше Жена парк“.

И вчера неколку жени почнаа да ја чистат Триумфалната порта, но беа прекинати од обезбедувањето за да не направат уште поголема штета на објектот поради употребата на силен детергент.

Триумфалната порта, споменици во Жена парк, но и други барокни објекти кои се дел од проектот Скопје 2014, како и канцеларрии во кои се сместени институции,  изминатиот месец беа мета на Шарената револуција. Со шарањето на објектите демонстрантите го искажуваат својот револт против непотребното трошење пари за барокни и други зданија, додека истовремено на граѓаните им се ускратуваат можноста за квалитетно здравство, образование и живот.