[Фото] Град Скопје: Се прави нова планинска велосипедска патека на Водно

За развој на велосипедскиот туризам и љубителите на планинарскиот велосипедизам, како дел од проектот „Велосипедски парк Водно“, неодамна започна уредувањето на нова планинска велосипедска патека на Водно, соопштуваат од Град Скопје.

Од таму посочуваат дека патеката е со вкупна должина од 3.432 метри, а ќе се протега од полициската станица, па се до Средно Водно.

„Таа е со променлива широчина (најмногу до 3 метри) и што е важно ќе биде посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари. Ова доаѓа како одговор на потребата за зголемување на безбедноста на сите посетители на Водно, преку физичко одвојување на велосипедистите од пешаците и планинарите“, велат од Град Скопје.

Според градските власти, патеката ја следи постојната конфигурација на теренот и не го нарушува приридното опкружување, а при нејзината изградба нема да се оштетат или сечат околните дрвја.

Очекуваат патеката да биде целосно готова за околу еден месец.

„Проектот за уредување на оваа планинска вело патека се реализира во соработка и е кофинансиран од страна на Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Council), преку програмата за развој и промоција на туризмот во шест држави од западен Балкан. RCC е регионален проект за развој на туризмот кој е финансиски подржан од Европска Комисија“, соопштуваат од Градот.