„Фото Глас“: Гевгелиската вода има прекумерна количина на отровот арсен

Со симболична промоција во центарот на Скопје на „Арсена“ – гевгелиската вода збогатена со арсен, здружението “Фото Глас“ упати апел за решавање на проблемот со загадената вода во Гевгелија.

“Фото Глас“: Гевгелиската вода има прекумерна количина на отровот арсен

Според последните анализи на водата за пиење во Гевгелија, како и според сите претходни направени од страна на Институтот за јавно здравје, гевгелиската вода не смее да се пие, заради присуство на прекумерните количини на отровниот елемент арсен, потсетуваат од “Фото Глас“.

Јованка Дојранлиева од ова здружение вели дека од 24 септември 2012 година трае забраната за користење и употреба за пиење и готвење на водата и според општина Гевгелија исклучени се спорните бунари 1 и 3 од каде се снабдува Гевгелија и околните места со вода за пиење.

„Ако се тие бунари исклучени тогаш ние после 17 месеци повторно го гледаме нивото на присуството на арсен во гевгелискиот водовод, кој се уште граѓаните го пијат и го употребуваат, дека е над дозволената граница според Светската здравствена организација која дозволува 10 микрограми на литар вода, додека според податоците од Агенцијата за храна и вода присуството на арсен е 14,8 микрограми. Таква состојба на недозволено високо ниво беше присутна и во 2012 година кога истата агенција забрани да се користи водата“, вели Дојранлиева.

Од оваа организација велат дека иако проблемот постои повеќе од седум години никој од надлежните досега не ги информирал граѓаните на Гевгелија за опасностa на која се изложени, ниту сериозно  се нафатил со  решавање на проблемот со прекумерното присаство на арсен во водата за пиење, кој драстично ја зголемува смртноста од неоплазми во Гевгелија.

Според Светската здравствена организација, арсенот е еден од најсилните отрови  кој и во многу мали дози убива бавно, но ефикасно и се акумулира во човековиот организам а кога ќе ја достигне потребната доза предизвикува  серија заболувања и проблеми со црниот дроб, кардиоваскуларниот респираторниот и репродуктивниот систем како и сите видови промени на кожата.

Арсенот предизвикува канцерогени заболувања како рак на мочен меур и бубрези, рак на црниот и белите дробови и леукемија. Арсенот предизвикува  стерилитет, спонтани абортуси и предвремени породувања.