[Фото] Герила-акција „Златна метла“ за пролетно (про)чистување со стил

Единицата за брзи артивистички акции преку нова герила-акција ја мотивира Владата да се фати за најавената метла и, како што велат, да почне од сопствениот двор.

„Како!? Со ЗЛАТНА метла! Метлата не е обична, туку златна, зашто тоа е единица мерка за (нечие) богатство, симбол за човечката лакомост, но реално со златна метла, многу полесно се работи. За разлика од обичната метла, оваа предизвикува прекрасни чувства додека се користи, без разлика дали се користи за хигиенско чистење, ментално (про)чистување или пак кадровско чистење. Златната метла е решение за сите општествени проблеми“, потенцираат активистите од Единицата.

Единицата за брзи артивистички акции со оваа златна метла, како што велат, сака да го потсети премиерот на мудроста „Што можеш да завршиш денеска, не оставај за утре“.

„Златни метли не подаривме само на Владата, туку и на: Град Скопје, скопските општини, министерствата, Собранието, Јавното обвинителств… а една златната метла, стана и споменик во чест на херојската акција да се исчисти корупцијата и да се живее во здрава средина и хармонија со законите на државата. Очекуваме метлата да почне да „игра“. Друго е ова, ЗЛАТНА е!“, соопштуваат активистите.

Инаку, акцијата е дел од проектот на Единицата за брзи артивистички акции финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.