[Фото] Герила акција во Сараево и Бања Лука со ЛГБТ пораки

Деновиве, по улиците на Сараево и Бања Лука се појавија графити со пораки за состојбите со правата на ЛГБТ луѓето во Босна и Херцеговина. Според тамошните ЛГБТ активсти, оваа акција има за цел да ја подигне јавната свест за постоењето на различноста.

„Уличните акции ги прават сите оние кои не сакаат да бидат видливи, од безбедносни причини, а нашиот глас исто така треба да биде чуен. Ова е тоа што во овој момент можевме да го направиме. Ќе оставам порака на улица, некој ќе ја прочита и ќе знае дека и јас шетам овде. Токму тоа е една од пораките „Лезбејки шетаат по градов“, затоа што кога и да се спомене нешто во врска со ЛГБТ темите, првиот најгласен и најсилен одговор е „Педерите нема да шетаат по овој град“, како истиве да не шетаат навистина, како да не‘ нема, како да не постоиме. Па, и лезбејки и транс лица шетаат по градот. И тоа никогаш не се знае. Тоа може да биде вашиот таксист, вашиот продавач, фризер или фризерка, професор или професорка… Постоиме“ – вели анонимна активистка.

„Лезбејките беа овде“, „Геј = ОК“, „Српска ги сака своите геј луѓе“, „Хомофобите во 4 ѕида“, „Лезбејка сум, нека сум“, „Тој го љуби него“, се дел од пораките со кои ЛГБТ активистите и активистките го привлекоа вниманието на јавноста.

Тие велат дека секојдневно се соочуваат со хомофобија во нивниот град и навредливи графити по улиците и токму тоа ги натерало да ја спроведат оваа акција.