[Фото] Герила акција со скулптура на Ешерихија Коли потсетува на немањето јавни тоалети во Скопје

Уметникот Озбек Ајваз утрово во Градскиот парк фонтаната „Лотос“ постави скулптура што визуелно ја претставува бактеријата Ешерихија Коли.

„Проширувањето на бактеријата Ешерихија Коли поради недостатокот на јавни тоалети во Скопје, како метропола на оваа држава, претставува сериозна здравствена опасност. Ешерихија Коли, е патогена бактерија која се наоѓа во долниот дел на  човековиот дигестивен тракт, и не смее да дојде во горниот дигестивен тракт (желудник, хранопровод, тенки црева)  бидејќи во тој случај таа може да предизвика сериозни гастроинтестинални инфекции кај луѓето“, се вели во описот за акцијата.

Акцијата е дел од серијата акции за подигнување на свеста за немањето јавни тоалети во Скопје.

„Со недостатокот на јавни тоалети, граѓаните се ставени во неудобни ситуации бидејќи не можат да одржат адекватна хигиена, што зголемува ризик од заболувања што се пренесуваат преку контакт, како што е наведената бактерија. За да се намали овој ризик и да се обезбеди подобра хигиена и здравје за граѓаните, неопходно е да се инвестира во изградба и одржување на доволен број на јавни тоалети ширум градот. Освен тоа, потребни се и стратегии за подигнување на свеста кај граѓаните за значењето на хигиената и користењето на јавните тоалети“, вели Ајваз.