[Фото] Генерациски микс – Сузана, Марија и Бојан го дотеруваат Скопје

Расте бројот на граѓани од различни генерации кои се вклучуваат во проектот „Дотерај го Скопје”. Проектот, кој веќе 30 дена се спроведува во сите општини низ градот Скопје, е одлично прифатен од жителите, велат иницијаторите. Погледнете кој го „средува“ градот:

Сузана Зафирoва, 64 годишна пензионирана професорка и ликовен уметник, со својата енергија, здраво размислување и активизам пркоси на очекувањата за својата возраст. Изминатиов викенд, и таа се приклучи кон кампањата и стана урбан херој на Скопје.

Марија Џиџева е светски позната режисерка, лице со високо ниво на свест за животна средина. Изминатиот викенд им даде пример за своите соседи во општина Карпош за тоа како се чисти од ѓубре јавниот простор и колку е лесно еден запуштен простор да се зазелени.

Бојан Трајков, студент на Економски факултет во Скопје, е вклучен во активностите на „Дотерај го Скопје“ од самиот почеток. Тој е свесен дека со малку труд, сите можат да имаат поубави и позелени јавни простори во градот.

„Дотерај го Скопје“ се наметнува како заедничкиот именител за сите генерации и профили на граѓани кои сакаат да го разубават градот во кој живеат и работат. Активностите на „Дотерај го Скопје“ ќе продолжат и во месеците Јули и Август, а ќе бидат заокружени со фестивалот „Дотерај го Скопје“, кој ќе се одржи во Јавна соба во период од 1 до 3 септември, 2017. „Дотерај го Скопје“се спроведува од страна на Јавна соба во рамки на камањата “Мрдни со прст”.