[Фото] Еко-активисти „кајакареа“ пред Влада

Еко-активистите од „Еко-свест“ и „ФРОНТ 21/42“ утрово пред Владата го изведоа протестниот перформанс „Kајакарење по бетонска река“, за да ја подигнат свеста кај јавноста за значењето на недопрената природа и речните долини и кањони на Балканот.

Со кајаци и транспаренти го окупираа булеварот „Илинденска“ пред Влада,  како дел од кампањата „Balkan River Tour“ во која учествуваше и Македонија.

Преку оваа кампања, тимот позади „Balkan Rivers Tour“ дава поддршка на локални иницијативи што имаат цел да ги заштитат последните слободни реки во Европа. Кампањата вклучува кајакарење по 23 реки низ 6 држави во 39 дена, почнувајќи од Тепелене, Албанија сѐ до Љубљана, Словенија, вклучувајќи ја и реката Радика во Националниот парк Маврово.

„Во Македонија, речиси сите реки се под големи директни и индиректни антропогени притисоци, во најголем дел од акумулации изградени на нив. Планирани се над 400-тина хидроенергетски проекти само во нашата земја. Половина од нив во недопрена природа во најживописните речни долини. Пресушувањето на овие реки и уништувањето на нивното речно корито значи уништување на ретки и ендемични видови флора и фауна кои се дел од пошироки екосистеми дел од кои е и човекот“, соопштуваат активистите.

Потсетуваат на предупредувањето на ООН уште во 2004 дека до 2025 година, 1800 милиони луѓе ќе живеат во земји со недостиг на вода за пиење. Пресушувањето на реките, велат тие, ги доведува во опасност изворите на питка вода за жителите на многу локации во Македонија.

„Еко-свест“ со „ФРОНТ 21/42“ покренаа петиција за стопирање на изградбата на хидроенергетски проекти во заштитените подрачја низ Македонија, која се уште е отворена за потпишување.