Вчеравечер во Градскиот парк се одржа традиционалниот мултимедијален спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга!“ во организација на Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар.
Јубилејниот, десетти спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга!“, ги донесе вечните теми на музичката четворка и тоа со симфониски оркестар, кога Македонска филхармонија пред многубројната публика изведе дел од хитовите на една од највлијателните музички групи на сите времиња – „Пинк Флојд“.
Македонската филхармонија и годинава музицираше под диригентство на маестро Емин Џијан, како солист (вокал и гитара) настапи Ади Имери, а бендот беше составен од: Александар Поп Христов, гитара, Иван Бејков, електричен бас, Александар Пујовски, гитара, Мартин Вучиќ, тапани, Благоја Перуновски, клавијатури, Маријана Николовска, пијано и Владимир Поп Христов, Сара Николовска и Ана Костадиновска, беа придружни вокали.
Публиката додека траеше концертот уживаше во творењето на огромните платна, овојпат на уметниците Јулијана Гешовска и Илија Спасовски-Чендо.