[Фото] Ден за кариерен развој: Студентите сè попребирливи, но знаат што сакаат

Студентите од техничките факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денес имаа можност да се запознаат со претставници од триесеттина компании во областа на фармацијата, електротехника, автомобилската индустрија и економијата. Нивни штандови беа поставени на кампусот на Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии, каде ги презентираа можностите за вработување, практиканство и вмрежување на студентите.

Од Центарот за кариера, еден од организаторите, ни посочија дека ја увиделе потребата на студентите за вакви настани, односно ангажман кој може да има значајно влијание врз нивните понатамошни одлуки за вработување и бирање на професија.

„Ако до пред извесен период компаниите беа тие кои го избираат вработениот, сега, со одливот на млади кадри, вработениот е тој што бира, односно дојдовме до ситуација кога младите се сè попребирливи, но знаат што сакаат“, изјави Софија Георгиевска, координаторка во Центарот за кариера при УКИМ.

Георгиевска ја прашавме дали има одѕив на студентите во кариерниот центар и колку тие се консултираат кога доаѓа време за носење на важна животна одлука. Таа ни одговори дека за разлика од претходно, согласно истражувањата што ги прават соработката и интересот кај студентите се сè поголеми.

„Доаѓаат, пишуваат мејлови, прашуваат кои се опциите за практиканство, ги користат и можностите за практиканство надвор, односно ги користат летните пракси во другите европски земји“, изјави Георгиевска.

За соработката со Центарот за кариера нешто повеќе ни кажа студентката Маргарита Танева која е петта година на Фармацевтскиот факултет.

„Работиме на меки вештини. Скоро имавме работилница за тоа како да се извдојам и да се истакнам јас на интервју пред другите. Земено тоа дека сега на сите студенти најголем проблем ни е менаџментот со време, имавме работилница и на таа тема. Покрај тоа правиме настани, големи како овој и други помали. Целта е на повисоко ниво да се доведе проактивноста на студентите. На сите нас ни е приоритет учењето и тоа стои, меѓутоа јас сметам дека сите ние треба да се градиме и како личности пред да зачекориме во тие води и токму за тоа служи центарот за кариера“, забележа Танева.

За време на отворениот ден за кариерен развој од „IT Labs“ ја претставија апликацијата за изучување на знаковен јазик со вештачка интелигенција на која работат заедно со студентите од Филозофскиот факултет.

„Целта ни е на крај да направиме едукативна апликација за знаковен јазик што секој ќе може да ја користи и да ги види знаците. Покрај тоа да има и модел на вештачка интелигенција што ќе дава фидбек колку добро ги правиш тие знаци. Тоа е многу важно бидејќи има знаци каде минимална разлика може да претставува друг знак“, ни изјавија оттаму.

На нивниот штанд беше достапен QR код за апликацијата „Crowd Sourcing“ што, како што објаснија, нуди можност за луѓето да се снимаат. Видеата подоцна ќе може да ги искористат за комплетирање на апликацијата за знаковен јазик, а потребни им се што повеќе видеа со цел знаците да се испроцесираат соодветно и апликацијата да дава резултати кога се употребува.

Покрај можноста за обиколка низ штандовите, Асоцијацијата на советници за развој на кариера одржа работилница на тема „Ви треба ли Chat GPT за планирање на кариера?“, а работилница за важноста на вмрежувањето на студентите при процесот на барање работа одржа „Thrivity“ што се води како софтвер за вработување.

@radiomof Ден за кариерен развој за студентите на техничките факултети при УКИМ 💡📒 #fyp #fy #уким #студенти #феит #студент #engeneering #student #technicalfaculity ♬ Cool Kids (our sped up version) – Echosmith

Ангела Бошкоска 

Фото: Радио МОФ