[Фото] Демонстрантите побараа оставки и одговорност за загинатите во Куманово

Стотици граѓани од движењето #Протестирам пристигнаа пред Собранието. Откако повторно беа спречени да протестираат пред Владата, тие мирно маршираа до Собранието каде извикуваат „Оставка, оставка“ и соопштија дека од денеска, тие не се против полицајците бидејќи и тие биле жртви.

„Викендов загубивме осум млади луѓе затоа што некој дал наредба за акција во густо населено место. Жртвувањето на осум млади животи е уште една причина да побараме оставка од оние што дале налог за акцијата во густо населено место. Од овој викенд не сме против полицајците и тие се жртви.“, рече активистот Здравко Савески за време на мирниот собир пред Собрание.

#‎Протестирам започна како движење против полициската бруталност и од 5 мај наваму се организираа осум протести, откако опозициската партија СДСМ објави телефонски снимки за наводно заташкување на случајот Мартин Нешковски.

„Протестирам затоа што Мартин Нешковски беше убиен и за тоа знаеше премиерот на државата и тоа го криеше. Барам оставка. За тоа убиство знаеле и директорот на УБК и министерката на МВР. Протестирам за Тамара и барам оставка од Министерството за здравство. Протестирам за лошите закони во високото образование. Протестирам за сите затворени активисти и барам веднаш да бидат ослободени. Протестирам и барам оставка од цела Влада и сите министри. Ете, затоа протестирам секој ден во шест и ќе бидам на улица се до падот на оваа Влада“, вели активистката Билјана Гинова.

(1)

Денешниот, осми протест започна во 18 часот, на раскрсницата во близина на Владата, бидејќи полицијата не дозволи демонстрантите да се доближат до владината зграда. По дводневната жалост за судирите во Куманово, каде загинаа осум полицајци, денеска прв пат се одржува протест на ова движење, откако претходно со два мирни собири граѓаните им оддадоа почит на загинатите во Куманово.