[Фото] Чист Охрид: Итно поставување столбчиња на новите велосипедски патеки во Охрид

Активистите на неформалната еколошка организација Чист Охрид бараат итно поставување на столбчиња на велосипедските патеки, со цел заштита на животот и поголема безбедност на велосипедистите во Охрид, за кои потсетуваат дека се еднакви учесници во сообраќајот.

Чист Охрид како заложба го има фокусот за унапредување на животната средина, но велат дека не го изоставуваат и квалитетот на живот кој мора постојано да се унапредува.

„Силно ги поздравуваме (и ги поздравивме) заложбите на локалната власт за создавањето нови велосипедски патеки, но, нивниот концепт мора да се унапреди и доработи. Имено, повеќе од два месеци, новите вело-патеки низ градот не се целосно завршени. Освен обележувањето на патеките, ситуацијата на улиците каде што се наоѓаат е идентична како порано“, се вели во соопштението на Чист Охрид.

Според еко-активистите, автомобилите во градот доминираат, а новите патеки се окупирани од нив и го отежнува транзитирањето.

„Освен ова, во иднина бараме и целосна заложба на локалната власт во подобрувањето на велосипедската инфраструктура“, велат еко-активистите.