[ФОТО] Битола се гуши во облаци од прашина

Активистот Дуле Груевски од здружението „За нас се работи“ објави фотографија направена денеска попладне која покажува дека битолчани се гушат во прашина.Со неа тој и се обрати на новата власт со барање да запре еколошкото уништување на градот.

„ Никако да ви стане јасно дека некогашната еколошка зона под Пелистерот и Пелагонија која “раѓаше човек”, стануваат Зона на хоророт. Помина скоро месец од како сте нова власт со сите ингеренции, а нема НИКАКОВ ЗНАК дека нешто ќе се промени. Најавениот протест со блокирање на патниот правец кон КОМБИНАТОТ (01. 09.2017 год) се ближи.. Немој после пак да е виновен Сорос, Морос, долгата рака на ВМРО.. ќосиња и др… !!! ЛУЃЕ.. ОВДЕ СЕ УМИРА заради негрижа…!!! БИТОЛА ПРЕД СЕ..!!!“, пишува активистот.

РЕК Битола е најголемиот загадувач во градот против кого неодамна битолското здружение „За нас се работи“ поднесе кривична пријава. Тие појаснија дека ја поднесуваат пријавата бидејќи во периодот од 2010 година до денес, компанијата несовесно се справувала со отпадот што се создава во депонијата која се наоѓа во непосредна близина до рударско-енергетскиот комбинат во село Новаци. Според нив, РЕК Битола не успеала соодветно да управува, односно да го одржува отпадот во вид на пепел, кој се карактеризира како опасен и радиоактивен. Во пријавата се истакнува дека во повеќе случаи при појава на ветер, компанијата не го спречила ширењето, иако била свесна за последиците.