[Фото] „Бегалци, добредојдовте“ – граѓани на мирен собир за поддршка на бегалците

Десетици граѓани и активисти денеска се собраа на плоштад „Македонија“ во Скопје во знак на поддршка на бегалците кои транзитираат низ државата и ги повикаа останатите граѓани да покажат солидарност кон нив.

„ Бегалците се добредојдени во оваа земја и сакаме да испратиме порака против ксенофобијата. Второ сакаме да кажеме дека сме против поставување граница за забрана за влез на бегалците, така испраќаме порака дека луѓето треба да се заштитуваат. Како трето сакаме да пратиме порака до владата да се вклучи повеќе во помагањето на бегалците“, порача Здравко Савевски од „Солидарност“.

Настанот беше во склоп на глобалниот настан „Европски ден за поддршка на бегалците“, а во Македонија организатор беше Левичарското движење „Солидарност“. Свои обраќања имаа неколку активисти кои им посакаа добредојде на бегалците во Македонија и апелираа владите ширум светот да престанат да градат ѕидови, напротив, да ги отворат.

„Ги повикуваме сите прогресивни граѓани на мирен собир против соучеството на нашите влади во свет во кој границите стануваат ѕидови, во кој расте милитаризмот и нееднаквоста, во кој разликите меѓу етникуми, националности, бегалци, мигранти како категории не расчовечуваат, во кој бегството од експлоатација и насилство и војна претставува криминал, против свет кој ни продава лажен сон дека обезбедени граници значат и обезбедени животи“, рече Огнен Јанески.

„Од октомври 2014 постојано сме на нозе, им помагаме на бегалците, заедно со една прекрасна жена која го обеле образот на македонија, Ленче Здравкин. Таа остава прекрасна слика на човечност и хуманост и верувам дека илјадници бегалци нозат позитивни мислења за Македонија. Во Куманово се уште можете да дојдете и да разговарате со нив, да ги дознаете нивните маки. Се надевам дека Македонија ќе создаде светла слика бидејќи Македонија навистина има хумани луѓе“, се обрати Мерсиха Смаиловиќ од невладината „Легис“.

Суад Мисини, кој пред неколку месеци штрајкуваше со глад пред Собрание, барајќи да се реши проблемот со мигрантите сместени во прифатниот центар во Гази Баба, запраша што прави македонската држава за да им овозможи на бегалците да најдат мир, бегајќи од хорор.

„Солидарност, емпатија и толеранција, тоа е она што не прави луѓе. Тоа е она што овие коишто уживаат во своите крвави пари не сакаат да го сфатат и наводно спроведуваат политики и закони кои се наши и мора да ги спроведат“, подвлече Мисини.

Активистот Артан Садику пак, потсети дека во изминативе два дена, Македонија се најде на насловните страници на врвни светски медиуми со веста дека се планира изградба на ѕид на границата со Грција, по примерот на Унгарија. Садику вели дека засега испраќаат порака до владата и јавноста дека помошта за бегалците ќе продолжи.

Покрај мирниот собир, хуманитарни организации ги замолуваат граѓаните да донираат пред се топла облека (јакни, капи, чорапи, блузони), кондури за бегалците која е многу потребна во овие врнежливи денови, но и вода.

Граѓаните можат донациите да ги однесат на повеќе места како магацинот на Легис кој денес ќе биде отворен од 10:00 до 20:00. Легис се наоѓа во Чаир на улица Цветан Димов 4.

Донации можат да се носат и во просториите на Хелсиншкиот комитет кој се наоѓа во Дебар Маало на улица Наум Наумовски Борче 83 и е отворен од 9 до 17 часот преку неделата а за викенд од 10.00 до 14.00 часот.