[Фото] Артивистичка акција: Предупредување – паркирањето на овој автомобил е неодговорно!

Единицата за брзи артивистички акции опомена стотина несовесно паркирани возачи во Скопје, ставајќи налепници на кои пишува „ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ! / паркирањето на овој автомобил е нодговорно / Ве молиме следниот пат паркирајте одговорно. За ноќните неодговорни возачи обезбедени беа и трепкачки светла.

Налепниците за неправилно паркирани коли се директна акција кон луѓето кои ги кршат правилата, и адресирани се во вистинско време на вистинско место, појаснуваат артивистите.

„Живееме во состојба на алармантна урбана некултура: сообраќаен хаос, непочитување на сообраќајни прописи, недостаток на услови за непречено и безбедно движење со велосипеди и пешаци , непрописно паркирање…

Причините за ваквата неодговорноста на граѓаните кон овие состојби се многубројни, но останува фактот дека тоа што најмногу недостасува е немањето свесност и совесност за заедничко живеење и функционирање во еден град и потребата за индивидуална и општествена одговорност“, велат артивистите.

Се надеваат дека со оваа акција ќе придонесат кон подобрување на состојбите во урбана култура.

Акцијата е дел од проектот на Единицата за брзи артивистички акции финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.