Иницијативата Сите за Палестина, социјалниот центар „Дуња“ и Социјалистичка зора вчера организираа протестен марш низ улиците на Скопје за да се спротивстават на, како што рекоа, глобалната милитаризација, капиталистичката репресија кон народот и геноцидот кој секојдневно се случува врз палестинскиот народ.
Маршот, под мотото „Од Скопје до Газа – народот вели НЕ!“, беше дел од глобални и регионална собири кои истовремено се одвиваа во Бугарија, Грција, Словенија, Хрватска, како и многу земји ширум светот во пресрет на самитот на НАТО.
Како што посочија иницијаторите, протестот беше фокусиран на воените трошоци на Европската унија, воената агресија на НАТО и глобалниот колапс на услови за живеење, додека воената индустрија „кити исклучително високи профити за многу малку луѓе“.
„ЕУ неодамна усвои рекорден воен буџет од 800 милијарди евра, сума која директно оди во рацете на воените корпорации и машинеријата на смртта. Новиот буџет, предложен од Вашингтон, ги задолжуваземјите членки 5% од БДП да го вложат во милитаризација. Овој буџет не носи мир, туку профит за елитите, додека народот се дави во сиромаштија, економска несигурност и колапс на јавните услуги“, посочија демонстрантите.
„НАТО не штити – НАТО убива“ беше едно од клучните пораки на протестот.
Присутните ја осудија улогата на Македонија во поддршката на, како што рекоа, империјалните агенди на Западот, вклучувајќи ја и нејзината „молкотна соработка со злосторствата на израелската држава во Газа“.
Со повеќе податоци и сведоштва, демонстрантите повторно ја изложија состојбата во Газа.
„Над 50.000 деца убиени или повредени од октомври 2023. 464 нападнати здравствени установи, над 700 убиениздравствени работници. Над 2 милиони луѓе живеат под тотална блокада на територија со големина на урбаниот дел на Скопје“, рекоа демонстрантите.
За ова, организаторите ги обвинија ЕУ, и САД, и НАТО за „директно соучесништво во геноцидот преку финансирање и логистичка поддршка на израелската агресија, како и продолжување на војната помеѓу Украина и Русија со цел зголемување на воените буџети, и американските напади на земјите на блискиот исток“.
„Македонската влада уште еднаш беше осудена за отворена поддршка на израел со својата воздржаност во Обединетите нации, осудување на бомбардирање на болници во израел додека истиот Израел унишува болници, училишта и го убива цело население во Палестина“, рекоа тие.
Протестот заврши пред Амбасадата на САД во Скопје. Таму говорниците упатија осуда на, како што рекоа, улогата на американската надворешна политика во воените конфликти ширум светот – од Палестина, до Ирак, Либија, Иран и Сирија.
„Лицемерно е САД да зборува за реформи и демократија во Македонија, додека со своите геополитички дејствија се однесува како терорист“, рекоа демонстрантите.
Демонстраните потенцираа дека борбата ќе продолжи додека сите имаат права.
Протестот заврши со пораки и извици од типот „НЕ на НАТО и неговата милитаристичка агенда“, „НЕ на геноцидот во Газа и војната во Украина“, „НЕ на сиромаштијата, репресијата и империјализмот“, но и пораки како „ДА за јавни инвестиции во здравство, образование и социјална правда“ и „ДА за слобода на Палестина и глобална солидарност меѓу народите“.