Во зелени и јавни простори низ Битола активисти поставија огромни заштитни маски.
Акцијата „Носете маски“, велат активистите, е наменета на визуелно експлицитен начин да ги потсети и да ги охрабри граѓаните да користат лична заштитна опрема, односно заштитни маски за да се заштитат себе си и другите од вирусот Ковид-19, чиешто ширење напредува и се’ потешко се контролира.
„Преку оваа акција сакаме на свој активистички начин преку поставување големи заштитни маски во јавниот простор да укажеме на граѓаните дека мора да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и дека носењето маски е еден од најдобрите начини за тоа“, соопштуваат активистите.
Маските се поставени на дваесетина места во Битола, а активистите се надеваат дека на овој начин ќе ја поттикнеме културата на носење маски и самозаштита во овие тешки времиња на здравствена криза.