[Фото] Акција на плоштадот „Македонија“ во Скопје: Само слабите мажи ги тепаат своите жени

По повод меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, 25 ноември, група на членки на кризниот центар „Надеж“ денес на плоштадот „Македонија“ во Скопје организираа герила – акција.

На настанот активистките околу два часа држеа транспаренти на кои беа испишани статистики и пораки за семејното насилство.

Случајните минувачи можеа да се информираат и за невистинитите тврдења кои често може да се слушнат како дека мажите кои ги тепаат твоите жени се алкохоличари или дека насилството не е голем проблем со оглед дека секоја двојка повремено се расправа.

Како што појаснуваат од „Надеж, во план се четири настани во Скопје и по два во Куманово, Струмица, Кичево и Струга на кои претставници од различни невладини организации и активисти ќе можат да се информираат и да стекнат соодветни вештини врзани со третманот на жртвите како и информации за самиот проблем. Посебен дел од работилниците ќе биде наменет за жртвите на семејно насилство на кои им треба психо-социјална рехабилитација, охрабрување и едукација за начините како да се стекнат со вештини за стекнување на финансиска независност, реквалификација и можности за реинтеграција во општеството преку враќање на самодовербата и храброста да отпочнат нов живот далеку од насилниот партнер.