[Фото] 1.500 учесници на третото издание на „Охрид ТрчаТ“

Дождливото време не ги поколеба 1.500-те учесници на маратонската трка „Охрид ТрчаТ“. Тркачите ги исполнија улиците на Охрид, учествувајќи на манифестацијата која се состои од две главни трки – трката за рекреативци која е во должина од 5 километри и трката за активни рекреативци и професионални атлетичари долга 10 километри.

„Охрид Трчат претставува иднина, нова визија, поинакво гледање на работите. На ваков дожд да има толку охриѓани, граѓани, излезено кои трчаат, се дружат, се гушкаат. Едноставно претставува тоа што треба да го имаме во секојдневието“, изјави за Радио МОФ, Иван Цветкоски од „Охрид Трчат“.

Тој вели дека е задоволен со тоа што го организирале и дека секогаш може подобро.

„Секогаш сме самокритични и затоа се движиме во оваа насока. Јас сум убеден дека уште поголем исчекор ќе направиме наредната година во делот на организацијата“, додава Цветкоски.

Трките од 5 и 10 километри беа збогатени со „тим билдинг“ екипите, кои имаат за цел преку спорт и дружба да ги зближи вработените од пријавените компании, како и испраќањето на одредена порака.

Главниот настан беше одбележан со музичка програма, а му претходеше ноќната трка која се одржа на 31 мај.

Мартин Колоски