Форум за иднината на работата во ерата на вештачката интелигенција утре во Скопје

Форумот „Иднината на работата во ерата на вештачката интелигенција“ ќе се одржи на 2 април во Свечената сала на Ректоратот на Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, со почеток во 12 часот. Регистрацијата на учесниците е предвидена од 11:45 часот.

Настанот има за цел да отвори јавна и стручна дискусија за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на труд, организациите, јавните политики и развојот на работната сила.

Во рамки на форумот се предвидени поздравни обраќања од министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, проректорката за настава проф. д-р Соња Топузовска, како и директорот на Институт за социолошки и политичко-правни истражувања проф. д-р Петар Атанасов.

Првата сесија ќе биде посветена на стратешките перспективи за развојот на вештачката интелигенција и иднината на трудот. Во нејзини рамки е најавена презентација на Бруно Јакиќ, ко-основач на INQQA.ai, KeenCorp и AI Applied, по што ќе следи модерирана дискусија со публиката.

Втората сесија ќе се фокусира на практичната примена на вештачката интелигенција во бизнисот, трудот и HR трансформацијата, со учество на проф. д-р Марјан Гушев, Дамјан Дано и Искра Трајкоска.