Формирана Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата

Денеска во ЛГБТИ Центарот за поддршка се одржа конференција за медиуми за промоција на новоформираната Национална Мрежа за борба против хомофобија и трансфобија. Се работи за мрежа од 15 граѓански организации и неформални групи кои дејствувајќи координирано ќе организираат активности за видливост на ЛГБТИ заедницата и унапредување на човековите права на лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродовите лица и интерсексуалците.

Формирана Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата

„Целта на мрежата е координирано и активно дејствување на повеќе организации кои не се занимаваат исклучиво со правата на ЛГБТИ зедницата, бидејќи маргинализацијата и стигматизацијата на ЛГБТИ лицата е прашање за човекови права, прашање за развој на демократијата и солидарноста“, рече Драгана Дрндаревска, од секретаријатот на мрежата.

Според Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, опресијата и насилството кое го искусија ЛГБТИ луѓето, активистите и организациите во последните две години, се покажа како контрапродуктивно за нарачателите и извршувачите.

„Денес сме тука собрани повеќе активисти и организации, здружени, посилни и уште повеќе посветени на менувањето на социјалниот и правниот статус на ЛГБТИ луѓето во нашето општество. ЛГБТИ Центарот за поддршка во новите простории има повеќе можности да и понуди на ЛГБТИ заедницата и сите кои ја поддржуваат, нов квалитет и подобри услови за социјализација, размена на искуства, информации и координирање на заеднички акции. Љубовта ќе победи“, додаде Андоновски.

Ирена Цветковиќ ја потенцираше потребата од формирање на поширок фронт за борба против хомофобија и трансфобија и ги повика релевантните институции да се приклучат на начин што ќе ги преземат сите потребни мерки за градење на општество без дискриминација и насилство врз ЛГБТИ лицата.

„Јас сум многу задоволен од поддршката што ја добивме за формирање на мрежата од самите членови на ЛГБТИ заедницата. Се надевам дека со претстојните активности, како кампањата против хомофобија и трансфобија, ќе успееме уште повеќе да ја мобилизираме заедницата за да се вклучи поактивно во борбата за сопствените права, а воедно се надевам на поширока поддшка од граѓаните и институциите“, истакна Антонио Михајлов, член на координативното тело на мрежата.