„Форми на независна продукција“ – дискусија и проекција на филмови во Мобилна/монтажна галерија

Факултетот за работи што не се учат), Фондацијата Фридрих Еберт) и Центарот за современа уметност организираат јавна дискусија и проекција на филмови „Форми на независна продукција“ кои ќе се одржат на 24 јуни (сабота), со почеток во 20 часот во Мобилна/ монтажна галерија на ЦАЦ (Парк на Франкофонија).

Учесници во дискусијата се: Наталја Алтхазуер, актерка, режисерка и продуцентка од Германија, Бујар Лума, театарски режисер од Македонија, а модератор е Ивана Васева, кураторка во визуелни уметности.

По дискусијата ќе следува проекција на филмови од годинешното издание на филмскиот фестивал WatchOut! во Тетово.

„Стимулирањето на творештвото на помладите автори од било која уметничка дисциплина и соработката со институциите се чини дека не беше во фокус во изминатиов период во земјава за што многу од младите автори се соочуваа со екстрем – или да најдат алтернативни начини или воопшто да не продолжуват да работат. Токму оваа дискусија има за цел да ги отвори овие прашања, да ја зацврсти волјата и желбата за работа но и да даде увид во различни продукциски зафати“, велат организаторите.

Оваа дискусија и проекција на филмови се дел од дискурзивно – едукативната програма СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК, курирана од Ивана Васева, која се одвива во четри дводневни модули во периодот од мај до јули 2017 година а моментално се наоѓа на четвртиот модул насловен „Размислување надвор од рамката: независната културна сцена и културните работници“. Во рамките на овој модул се одржуваат повеќе работилници и практични задачи од затворен карактер, наменет само за учесниците на програмата како и јавен настан.(во прилог: повеќе информации за СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК и Наградата ДЕНЕС).