Foolish Green ќе свират на фестивал во Љубљана

Foolish Green е единствениот македонски бенд кој оваа година ќе настапи на првото издание на музичката конференција во Љубљана, наречена „MENT Festival & Conference“. Групата, како дел од мини-турнеја ќе настапи и во Загреб и Белград.

МЕНТ се случува на повеќе локации во главниот град на Словенија во периодот од 4 до 6 февруари. „Foolish Green“ е меѓу педесетте избрани бендови кои ќе имаат чест да се презентираат пред луѓето од музичката индустрија (фестивали, промотери, агенти, музички професионалци, клубови, новинари од Велика Британија, Франција, Италија, Данска, Норвешка, Германија, Австрија, Исланд, Шведска, Швајцарија, Полска, Чешка, Словечка и од балканските земји).

Настапот ќе се одржи во клубот „Громка“ на улицата Метелкова, во петок, 6 февруари, со почеток во 00.30 ч.

Покрај настапот на МЕНТ, вечерва (5 февруари)  Foolish Green ќе го имаат својот дебитантски настап во култниот КСЕТ во Загреб, додека пак, во сабота ќе свират во популарниот КЦ „Град“ во Белград, заедно со новиот проект на Борис Властелица од „Репетитор“, наречен „Црви“. Концертите и во Загреб и во Белград започнуваат во 22 часот.

Како новогодишен подарок за публиката групата Foolish Green го објавија нивниот прв сингл на македонски јазик, насловен „Далеку“.