„Фолтин“ вечерва на „Битфест“

Битолската група „Фолтин“ вечерва ќе настапи на „Битфест“ на летната сцена на Тумбе кафе.

„Музиката на „Фолтин“ е духовита, страсна и жива, создава жешка танцувачка атмосфера преку брзите ритми. Нивниот пристап во градењето на атмосферата е непредвидлив и оригинален. Освен на македонски, пеат и на таканаречен „спонтан eсперанто“, имагинарна смеса или фонетска имитација на светските јазици. „Фолтин“ себеси се опишуваат како псевдо-емигрантско кабаре“, наведува организаторот на „Битфест“ во најавата за нивниот концерт.

Во составот на „Фолтин“ се: Пеце Николоски, Бранислав Николов, Пеце Трајковски, Гоце Јованоски, Славчо Јовев и Маријан Станиќ.

Постојат 18 години, имаат седум самостојни албуми, музика за над дваесет театарски претстави и бројни настапи во Македонија и во повеќе земји од светот. Последниот албум „Пијан славеј“ излезе годинава, во продукција на НУ Центар за култура од Битола.