Фолклорни групи, штандови и многу студенти на Отворениот ден на УКИМ

Заинтересирани идни студенти, повеќе информативни штандови и фолклорни групи, вака изгледаше отворениот ден на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје кој се одржа вчера на градскиот плоштад „Македонија“.

На традиционалната манифестација се презентираа студиските програми на факултетите, како и активностите на студентите.

Еден од таквите штандови беше и тој на Факултетот за ветеринарна медицина, каде покрај промотивниот материјал, целиот простор беше збогатен со две малечки кучиња и едно зајче.

„Ветеринарната медицина е една интересна наука затоа што ги проучува сите видови животни: кучиња, мачиња, крави, свињи и е опширна за да се научи за сите животни. Секојдневието во клиника претставува задоволство со животните “, изјави Елена Радевска, студентка која набрзо ќе дипломира на Факултетот за ветеринарна медицина.

Таа вели дека најубавите моменти од овој период и биле размените со студенти, кои преку нивната студентска организација Интернационална ветеринарна студентска асоцијација отишле во многу земји низ светот. Додава дека низ тие земји посетиле големи клиники, а таму биле сведоци на најразлични хируршки интервенции и операции, нагласувајќи дека е тешко некој да ги види, без разлика дали се работи за хумана медицина или ветеринарна медицина.

„Факултетот е долг, пет и пол, шест години, 11 семестри. Се изучуваат секакви предмети, од анатомија, физиологија, патолошка морфологија, патолошка физиологија, репродукција и се опфатено, за сите животни, а и сега моментално го развиваме и делот на егзотични животни“, завршува Радевска.

На десетина метри од штандот на факултетот за ветеринарна медицина се наоѓаше информативниот дел за Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, каде поразговаравме со студентите Трајче и Ана.

„Доколку имате желба да учите некоја инженерска струка, и ви оди математика, физика, и ве интересира земјотресното инженерство, би било добро да се запишете на втор или трет циклус на студии во ИЗИС, да се запознаете повеќе, како работат конструкциите при дејство на земјотрес “, изјави за Радио МОФ, Трајче Зафиров, студент на прва година по докторски студии на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Ана Наневска која е втора година на магистерски студии на институтот додава дека најчесто на вториот и трет циклус студии се запишуваат студенти кои завршиле постдипломски студии на Градежниот факултет или на Институтот за Физика.

Настанот заврши со настап на фолклорните групи учесници на Меѓународниот студентски фоклорен фестивал и Етно фестивал на солидарноста кои претходно продефилираа на плоштадот.

Во склоп на настанот, вработените во студентскиот сервис им помагаа на заинтересираните кандидати да сe регистрираа онлајн во „I-know“ системот.

Оваа година на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во прва година на прв циклус студии за учебната 2019/2020 година можат да се запишат вкупно 10.665 студенти.

Мартин Колоски