Фокус Мандала – македонска боенка за возрасни како анти-стрес терапија

Фокус Мандала, боенката за возрасни замислена како алатка за анти-стрес терапија за првпат беше претставена на 28-миот Саем на книгата во Скопје.

Автор на боенката која е составена е од 55 уникатно дизајнирани мандали (мандала е симетрична геометриска форма на кружна основа) е младиот психолот и гешталт советник Мито Тасевски. Симетријата и насоченоста на илустрациите кон центарот е техника за подобрување на фокусот стара илјадници години,а  редот и хармонијата се обид за борба со хаосот во мислите, појаснуваат издавачите.

„Мандалите биле користени за подобрување на фокусот, за медитација, како симбол или репрезент на универзумот и како секундарен елемент во духовната ликовна уметност, па и во уметноста воопшто. Толкувањата од спиритуална и уметничка гледна точка се бесконечни, но она што го привлече мојот интерес за време на студиите по психологија е толкувањето на мандалите од страна на Карл Густав Јунг и неговиот обид мандалите да се објаснат од научен аспект. Имено, според Јунг, тие претставуваат архетип, како и симбол на целовитоста на селфот, еден вид на индивидуална визуализација на центарот на личноста произлезена од колективното несвесно“, смета Тасевски.

Мандалите се илустрирани на тој начин што нудат одреден континуитет во однос на комплексноста, од една илустрација до друга, а со цел личноста која бои постепено да се впушти во процесот.

До ефектите од боењето на мандали се доаѓа преку процес што е сличен на активна медитација. Боејќи ги формите личноста се фокусира на сегашноста со што мислите за минатото и иднината постепено се редуцираат, стресот постепено опаѓа. Од истата причина, додава авторот, мандалите што следуваат се илустрирани со посебно внимание во однос на обемот на одделните форми, сè со цел личноста која бои да биде задржана на една форма во временски интервали што ќе помагаат фокусот да остане „овде и сега“.

Во однос на боенката како целина, илустрирана е со цел визуелно да го претстави патот од надворешноста на личноста, па сè до длабочините на несвесното, каде што се создаваат мандалите.

Издавач на боенката е Македонска реч.