Британска доминација на 71-те Еми награди на кои „Игра на тронови“ ја освои главната награда за најдобра драма, додека серијата „Флибег“ на Фиби Волер – Бриџ ги освои најголемиот дел од наградите за комедија.
Најголемата дилема пред синоќешната церемонија, на која се доделуваа наградите за најдобрите телевизиски остварувања за изминатава година, беше дали Еми гласачите ќе ја наградат „Игра на тронови“ за последната сезона која беше жестоко критикувана од публиката. Серијата беше номинирана за вкупно 32 награди, најмногу во историјата. Покрај десетте награди, кои минатата недела ги доби за креативна уметност, серијата синоќа доби уште две и со вкупно 12 награди го сруши сопствениот рекорд од 2015 година.
Покрај наградата за најдобра серија, ѕвездата на серијата Питер Динклиџ победи и во категоријата за најдобар спореден актер.
„Флибег“ пак беше најдобра серија на синоќешното доделување награди. Победи во сите категории наменети за комедиите – најдобра комедија, режија, сценарио, како и Волтер – Бриџ, за најдобра актерка во комедија.
Британски ѕвезди победија и во неколку други категории. Бен Вишоу ја освои наградата за најдобар спореден актер во мини-серија, додека Џоди Комер победи во категоријата за најдобра актерка во драма.
„Чернобил“ беше прогласена за најдобра мини-серија, додека „Last Week Tonight“ на комичарот Џон Оливер беше прогласена за најдобро варајати шоу четврта година по ред. Најдобро сценарио за драма серија доби „Следоред“, додека за најдобар телевизиски филм беше прогласена епизодата „Bandersnatch“ на „Black Mirror“.