Финансиска писменост за наставниците и учениците во Македонија

Во просториите на Народната банка на Република Македонија, гувернерот на Народна банка на Република Македонија, Димитар Богов и директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, потпишаа Меморандум за соработка во областа на финансиската писменост и други области во образованието.

„Двете институции ќе ја остварат соработката во полето на финансиската едукација преку изготвување политики, спроведување истражувања и анализи, преземање заеднички активности за подигање на јавната свест и промоција на финансиската едукација и писменост, и размена на релевантна експертиза“, се вели во соопштението на Народна банка.

Институциите ќе вршат консултации за стратегиски прашања на национално и меѓународно ниво, ќе подготвуваат наставен и прирачен материјал за основните и средните училишта од областа на финансиската писменост и ќе организираат обуки и други едукативни активности со кои ќе бидат опфатени наставниците и учениците.

„Со овој меморандум се очекува да се зацврсти соработката помеѓу двете институции во областа на финансиската едукација, со што ќе се придонесе кон зголемување на свеста кај учениците и кон јакнење на нивните финансиски знаења, а воедно ќе се придонесе и кон нивно идно полесно вклучување во современите текови на финансискиот систем“, соопштуваат од НРБМ.