Finance Think: Дисперзираните студии се скапи и создаваат повеќе трошоци од придобивки

Finance Think – Институтот за економско истражување и политики – Скопје, на тркалезната маса „Како се трошат народните пари: Образование, инфраструктура, инвестиции” презентираше три „кост бенефит“ анализи на политиките„Диспензирани студии“ и „Изградба на автопатот Демиркапија Смоквица“ и „Привлекување на странските директни инвестиции преку субвенционирање“ во Штип.

Резултатите од истражувањето на политиката за дисперзирани студии „Високо образование- квалитет или квантитет?“ покажаа дека „сегашната нето-вредност на инвестициите во дисперзираните студии кај трите селектирани државни универзитети е негативна вредност“.

Ваквиот резултат, појаснуваат од Институтот, е јасен сигнал дека општествената вредност на ваквиот облик на образование е скап и создава поголеми трошоци од придобивки.

„Дисперзираните студии на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип имаат најниска сегашна нето-вредност, додека УКИМ има најголема. Ова и не би требало да биде изненадување, со оглед на фактот дека УГД има најголем број запишани студенти, а УКИМ најмал. Во согласност со резултатите добиени преку користење на овој инвестициски критериум, препорачуваме дека инвестицискиот проект не треба да биде прифатен, односно, во случајов, да се размисли за сериозна реорганизација и ефикасност на трошоците и на  придобивките на дисперзираните студии или, евентуално, за напуштање на овој концепт“, се наведува во соопштението на Институтот.

Сумарни резултати од АTП на државните универзитети во РМ (во денари).

Универзитет Вк. Трошоци

(недисконтирани)

Вк. придобивки (недисконтирани) Нето-трошоци (недисконтирани вк. трошоци – вк. придобивки) Сегашна нето-вредност (NPV)
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје 531.036.552 1.116.110.072 585.073.520 -220.053.744
Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола 2.789.550.672 3.030.283.386 240.732.714 -1.473.418.669
Универзитет „Гоце Делчев“– Штип 4.543.190.150 7.810.502.059 3.267.311.909 -1.828.831.899

 

Истражувањето на политиката за дисперзирани студии е направена од Здружение Институт за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ.

Резултатите од истражувањето на политиката за изградба на автопатот „Демиркапија  Смоквица“покажуваат дека „на долг рок од 30 години сегашната нето-вредност е позитивна и изнесува 9.699.992 евра (во 2041 година)“.

„Просечниот годишен поврат на инвестицијата на рок од 30 години, без да се пресметаат трошоците за исплата на камати, изнесува 0,13 проценти за иницијална инвестиција од 252 милиони евра. Еден километар автопат не чини 12 милиони евра“, стои во соопштението на Институтот.

Истражувањето покажало дека придобивките од автопатот ќе се состојат во заштедата на време поради зголемената максимална дозволена брзина, како и поради намалената вкупна должина од 5,5 км. Значително ќе се намалат оперативните трошоци на возилата и сообраќајните несреќи, а придобивките ќе се покажат и во зголемувањето на економската активност, особено во секторот транспорт. Се очекува компаниите, поради намалените трошоци, да го зголемат користењето на делницата и да го прошируваат својот бизнис.

Тркалезната маса е во рамки на проектот ФИСКАСТ- Градење капацитет и алатки за фискална одговорност, одржливост и транспарентност во Македонија“ поддржан од Британска Амбасада од Скопје.  Целта на проектот ФИСКАСТ е двојна: да се подобри капацитетот на граѓанското општество и медиумите да придонесат за економскиот дијалог во земјата, врз основа на докази, овозможувајќи повеќе партиципативно и транспарентно креирање на политиките, со силен фокус врз фискалните политики, но и да се зголеми свеста на јавноста за процесот на трошењето на јавните пари.