Финале на Робомак 2014: Сумо борење, роботска трка и многу креативност

Тимот Јокосумо, „Fast turtles“, роботот Џони, „Speddy“ и „The blue team“ се победниците во различни категории на овогодинешното финале на Робомак, манифестација наменета за натпревар во различни изведби на роботи.

Финале на Робомак 2014: Сумо борење, роботска трка и многу креативност

Првата категорија беше сумо борење каде четири тима се спротивставуваа преку борење на нивните роботи, а победник е тимот Јокосумо. Втората категорија беше трка каде роботот треба за што е можно пократко време да стигне до целта преку оцртана трака. Во оваа област најдобро се покажаа „Fast turtles“.

Третата категорија беше роботската рака односно натпревар каде два тима се натпреваруваа со нивните роботи кои требаше соберат вкупно монети колку што жирито ќе одбери и притоа да изведе нешто креативно со цел да ја восхити публиката.

Првиот робот Џони успеа да собери вкупно 53 од 63 денари со што победи, додека вториот тим „УЈП“ успеа да собери 28 од 79 денари. Креативниот дел и на двата тима ја воодушевија публиката. Џони подаруваше ружи на девојчиња одбележувајќи го празникот на жената 8-ми март, додека роботот на тимот „УЈП“ кршеше стапчиња.

Нова категорија е Рајд парк каде што пред роботите беа поставени четири балони подредени по случаен избор и во различна боја, тие треба да ги испукаат по редоледот што ќе им биде кажан, а притоа и се мери времето. Овде победник беше тимот „Speddy“ кој всушност беше единствениот тим што немаше проблеми при изведувањето на оваа задача.

Восхит остави и настапот на ученикот Мартин Величкоски од гимназијата Раде Јовчевски Корчагин со свои сопствени роботи. Неговата работа беше пофалена и од самите професори што беа во жири велејќи дека во иднина го гледаат него директно во жири, а не како натпреварувач.

Во последната категорија беа роботите хуманоиди кои требаше да танцуваат според стилот на музиката. Ова за публиката беше најинтересниот дел со оглед на тоа дека настапувачите добија овации што на крај тоа беше клучното за одредувањето на победникот, а тоа беше „The blue team“. Роботите танцуваа на странска и балканска музика, а секако и на македонска народна музика.

За време на манифестацијата беа доделени благодарници на оние кои придонеле во развивањето на овој меѓународен натпревар. Меѓу оние кои добија благодарници се проф.др. Гоце Арсов и проф.др. Влатко Стоилков како и многу други студенти и професори од факултетот за електротехника.

Овој настан се разви пред повеќе од пет години кога студент аплицирал за грант при што добил 10 000 долари и со помош на други спонзори успеале да создадат натпревар од ваков тип кој оваа година бележи пет години постоење.

Емилија Петреска