Финале на ораторските вечери вечерва на Правниот факултет

Финалето на традиционалните ораторски вечери „Иво Пухан“ ќе се одржи вечерва на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Натпреварите по јавно говорење, инспирирани од вештините во оваа област на професорот по римско право, д-р Иво Пухан, годинава ќе се одржат 18-ти пат.

– На Ораторските вечери годинава ќе настапат 14 оратори, повеќето студенти од Правниот, но имаме гости и од Економскиот и од Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Кандидатите имаа можност да пишуваат говори по слободен избор, но и на зададени теми: „Правото како вештина на доброто и правилното“, „Медиумите и спинувањето“ и „Политичка култура“, изјави Борјан Топуковски, претседател на „Клуб на оратори – Скопје“.

Покровител на манифестацијата е „Еуролинк осигурување“ која ги обезбеди главните награди за најуспешните оратори. Покрај нив, годинава ќе бидат доделени уште две признанија: наградата „Бранко Ѓорчев“ за најдобар ораторски настап, во чест на актерот кој долги години беше дел од тимот што работеше со говорниците, како и стипендија за учество на еден од најголемите европски ораторски форуми во Алпбах, Австрија.

Настапот на младите говорници годинава за првпат ќе се пренесува во живо преку новата интернет-страница klubnaoratori.mk. Настанот и лајв-стримингот ќе почнат во 18 часот.