Филозофскиот филмски фестивал пролетва се сели онлајн

Под мотото „Идеи, светови“, Филозофскиот филмски фестивал пролетва ќе го започне своето десетто, роденденско издание кое ќе се одржи од 21 до 31 мај. Годинава, фестивалот ќе фуккционира како хибридно издание, и на културната јавност ќе и ги понуди ФФФ Пролетните онлајн миграции, во вид на онлајн издание по примерот на бројни фестивали низ целиот свет.

Остатокот од програмата (Официјалната селекција на долгометражни филмови, Ревијалната програма „Филм-философија“, Меѓународната конференција „Филозофија и филм“, Едукативната програма и ФФФ Караванот), во кои се предвидени бројни филмски остварувања и многу домашни и странски гости и учесници, ќе биде пренасочен наесен, за што дтумите дополнително ќе бидат јавно објавени.

ФФФ Пролетните онлајн миграции се замислени како солидарна културна акција на креативен отпор кон ограничениот пристап на идејно профилирани културни содржини оваа пролет, но и недостапноста на културата на граѓаните поради влошената економска состојба (оттука фестивалската програма на Cinesquare ќе биде достапна бесплатно). Исто така се и поддршка на работата на режисерите, коишто, се силно погодени од ковид кризата, со доделување, за прв пат, на парична награда за победникот во Селекцијата на краткометражни филмови.

Во рамки на пролетното издание, ФФФ ја најавува Селекција на краткометражни филмови, односно дваесеттина краткометражмни остварувања од целиот свет по избор на селекторот д-р Дејан Здравков и според двата клучни критериуми за овој единствен фестивал во светот од ваков вид: уметничкиот квалитет и филозофската податливост/релевантност.

Победникот од страна на трочленото стручно жири ќе ја добие наградата (статуетка) „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм и соодветна парична награда. Освен тоа, жирито на еден од филмовите ќе му додели плакета за новооснованата награда „Стефан Сидовски – Сидо“, во чест на професорот, филозоф и филмофил, но и соработник на Фестивалот од самите почетоци. Во рамките на онлајн изданието ревијално ќе бидат прикажани и неколку краткометражни, среднометражни (за прв пат на Фестивалот) и долгометражни (документарни) филмови, и електронски ќе биде достапен еден темат „Филозофија и филм“ на националното списание Филозофска трибина. Покрај филмовите, за задржување на специфичната фестивалска магија и фестивалското искуство, преку различни социјални платформи, ќе бидат организирани повеќе модерирани активности: интервјуа, Q&A со режисери, видео излагања, Zoom-трибина за ковид-19 кризата и состојбата на филмскиот сектор кај нас и неколку изненадувања.

Ова издание е плод на солидарно партнерство меѓу Филозофскиот филмски фестивал (организиран од страна на Филозофското друштво на Македонија), Кинотеката на С. Македонија и македонската VoD платформа Cinesquare, со институционална поддршка на Град Скопје, како и неколку други поддржувачи, соработници, пријатели и вљубеници во филмот и филозофијата.