Филозофски Филмски Фестивал од 30-ти март во Кинотека на Македонија

Во спој на филозофијата и филмот, од 30-ти март до 7-ми април во Кинотеката на Македонија ќе се одржи седмото издание на интернационалниот Филозофски Филмски Фестивал 2017.

Покрај ревијалната програма, посетителите на Фестивалот во деветдневната програма ќе можат да погледнат и селекција филмови во натпреварувачкиот сегмент. Од пристигнатите филмови од целиот свет избрани биле најдобрите 7 долгометражни и најдобрите 14 краткометражни филмови кои ќе се натпреваруваат за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката – за Најдобар долгометражен филм и Најдобар краткометражен филм на ФФФ 2017, информираат организаторите.

Фестивалот ќе понуди и едукативна програма за учениците од средните училишта, како и работилници и предавања за младите. По завршувањето на Фестивалот ќе следи ФФФ Караванот, патувачкото кино на Филозофскиот Филмски Фестивал, кое ќе посети четири градови низ земјата: Битола, Прилеп, Штип и Свети Николе, пренесувајќи дел од атмосферата на Фестивалот и надвор од главниот град.

„Филозофскиот Филмски Фестивал е единствениот филмски фестивал во Македонија и регионот којшто се одвива на крстопатот помеѓу филозофијата и филмот, и еден од ретките во светот коишто дејствуваат во областа на филм – философијата. Од една страна, Фестивалот се обидува да ја промовира идејата за филмот како медиум што може да испровоцира филозофска размисла и/или да илустрира филозофски концепти и идеи, на овој начин обраќајќи и се на генералната публика, но и на младите во Македонија поттикнувајќи го развивањето на креативната и критичка мисла“, соопштуваат од организаторите на Фестивалот.

Ревијалната програма со филозофски излагања на темите се отвора со „Граѓанинот Кејн“ од Орсон Велс, а завршува со „Прашина“ на Милчо Манчевски. Во селекцијата на долгометражните филмови, помеѓу останатите се и „Лампедуза“, „Смак“ и „Бизнис на источен начин“.

Целосната програма можете да ја погледнете на интернет страната на Фестивалот.

Фестивалот е организиран од Филозофското друштво на Македонија, а поддржан е од Агенцијата за филм на Република Македонија и Град Скопје како институционални покровители, а соработници на Фестивалот се: Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, НУ Кинотека на Македонија, Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Европска, Филмска, Театарска и Танцова Академија – Скопје и ЈУ Младински Културен Центар.