Филмскиот проект „Сестра“ награден на Connecting Cottbus

Филмскиот проект „Сестра“, на продуцентската куќа Лист Продукција ја освои наградата ‘coco Post Pitch Award’ на копродукцискиот маркет Connecting Cottbus во германскиот град Котбус. Наградата подразбира постпродукциски услуги од 25 илјади евра.

“Сестра” е проект за долгометражен игран филм. Режисер е Дина Дума, која е и косценарист заедно со Мартин Иванов, а продуцент е Марија Димитрова.

Младата режисерка Дина Дума досега има снимено 2 картки филмови “Елена” и “Враќање” кои беа прикажани на повеќе фестивали и се наградувани, а филмот “Сестра” ќе биде нејзин прв долгометражен филм. Пишувањето на сценариото за филмот “Сестра” е поддржано од Агенцијата за филм на Р. Македонија.

Наградата на Connecting Cottbus ја доделува германската продукција The Post Republic, а одлуката ја носеа професионалци од филмската индустрија.

Connecting Cottbus (coco), е ко-продукциски маркет, кој оваа година се одржуваше по 18-ти пат, а секогаш за време на филмскиот фестивал во Котбус и е наменет за проекти од југо-источна Европа. Оваа година за време на маркетот 10 проекти, меѓу кои и проектот “Сестра”, беа јавно презентирани пред истакнати филмски професионалци од Европа со цел да обезбедат копродукциски средства за реализација на филмовите.