Филмски фестивал за автори до 24 години во Кинотека – пријавите се отворени

Младински филмски фестивал е фестивал на кратки филмови за автори до 24 години кој за првпат ќе се одржува во Скопје. Оваа година во фокус ќе бидат младите македонски талентирани и перспективни автори, каде на едно место ќе можат да ги видат своите филмови и филмовите на нивните врсници од светот.

Овој фестивал е за првпат самостоен, иако претходно беше дел од тридневната програма на средношколскиот фестивал „Три дена култура“.

На 28 и 29 август во дворот на Кинотека, во киното „Мирно лето“ ќе се прикажуваат вкупно 20 кратки филмови распоредени во 3 програми: Домашна програма, кратки играни филмови и кратки документарни.

„Апликациите се отворени до 20 август на платформата filmfreeway, а право да испратат свој филм имаат сите автори до 24 години од целиот свет. На официјалната селекција на МФФ ќе влезат 20 кратки филмови распоредени во 3 програми: домашна (само за автори од Македонија), кратки играни филмови и кратки документарци“, информираат организаторите.

До сега се пријавиле филмови од Италија, Франција, Полска, Данска, Норшвека, Ирска, Србија, Хрватска, Украина, како и Бразил, Индија, Кореа и Иран.

Официјалната селекција ќе биде објавена на 21 август, 2020.

Фестивалските вечери, пак, ќе завршуваат со два млади локални бендови, а на крај ќе се додели една награда за најдобар филм на фестивалот.

Сите информации за фестивалот се достапни на следниот ЛИНК.