Филмската академија во Охрид почна со работа

Практичната настава на новоформираната Јавна научна установа Институт за филм – Филмска академија во Охрид, почна вчеравечер, 9 ноември, со проекција на филмот „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков.

Режисерот Трајков, кој е и професор на Академијата за филм (ФАМУ) од Прага, рече дека вообичаена практика на филмските академии е пред студентите да се проектираат филмски остварување, како и самите режисери да одговараат на нивните прашања и да ги запознаат со одредени детали што би можеле да им бидат корисни во нивната стручна наобразба.

Заменик-министерот за образование Спиро Ристовски, кој присуствувеше на вечерашната проекција, истакна дека на Филмската академија во Охрид предвидено е еднаш седмично да има проекција на филм, како дел од наставната програма на образовната институција.

Во рамки на конкурсот за првата година од работата на Академијата се доделени 12 стипендии, меѓу кои наши, но и студенти од странство, кои самите професори првично ги посочија како студенти со мошне голем потенцијал, кога станува збор за филмската уметност.

„Верувам дека успешниот старт на Филмската академија ќе значи исклучителен напредок и промоција, како на Охрид така и на Република Македонија во областа на филмската уметност, уште повеќе што сето ова се реализира во соработка со една од петте најстари школи за филм каква што е Академијата за филм од Прага“, рече Ристовски.

Во врска со номинацијата на филмот „Медена ноќ“ како кандидат на филмската продукција на Република Македонија за најпрестижната филмска награда – „Оскар“, режисерот Трајков рече дека тоа ќе биде одлична можност за државата да привлече внимание кај светските медиуми, како што рече „во позитивна смисла“.

„Кандидатурата за „Оскар“ е своевиден рулет, во кој има побогати и посиромашни играчи, а во кој најчесто победуваат побогатите. Тоа е вистината оттаму што едноставно буџетите за одредени филмови се далеку поголеми, наспроти нашите кои се скромни. Но, понекогаш чуда се случуваат, така што останува да видиме“, рече режисерот Иво Трајков.