Филмска проекција на израелскиот кандидат за претстојните Оскари во Кинотека

Во рамките на „Неделата на современиот израелски филм“, вечерва ( 6 декември), во Кинотека на Македонија со почеток од 20 часот ќе се одржи филмска проекција на „Слаткарот“. Филмското остварување во режија на Офир Раул Грејзер бележи 18 награди и 12 други номинации на реномирани филмски фестивали ширум светот.

Прогласен за „најдобар филм“ на овогодишното доделување на Наградите на израелската филмска академија кои се сметаат за израелски еквивалент на Оскарите, „Слаткарот“ е официјалниот кандидат на Израел за категоријата „најдобар странски филм“ на претстојните 91. Оскари во 2019 година.

Томас, млад германски пекар, има афера со Орен, женет Израелец, кој често патува во Берлин поради бизнис. Кога Орен ќе загине во сообраќајна несреќа во Израел, Томас патува во Ерусалим за да најде одговори за неговата смрт. Под измислен идентитет, Томас се инфилтрира во животот на Анат, вдовицата на неговиот љубовник, која е сопственик на едно кафуле во Ерусалим. Тој почнува да работи за неа – прави германски торти и колачи, кои ќе го вратат во живот нејзиното кафуле. Томас се вклучува во животот на Анат на начин на којшто воопшто не очекувал и за да ја скрие вистината, ја проширува лагата до граници од каде што нема враќање.

После проекцијата на филмот ќе има получасовна дискусија за „квир-темите во македонската филмска продукција“ со режисерите Ана Јакимска („Ќе дојдат децата“), Игор Иванов – Изи („Соба со пијано“, „Инсајдер“, „Преспаф“), Вардан Тозија („Џган“, „Преспаф“, „На терапија“, „Инсајдер“) и Даријан Пејовски („Три дена во декември“, „Фамилијата Марковски“, „Инсајдер“, „Преспаф“), а улогата на модератор ќе ја има новинарот Васко Маглешов. Некои од прашањата кои ќе ги поразговараме со гостите се: Зошто македонските режисери срамежливо или воопшто не ги допира квир кинематографијата? Дали постојат и во кои македонски филмови на суптилен начин или на микро ниво се разработува тема од животот на ЛГБТ заедницата? Каде е македонската кинематографија наспрема европската во овој контекст?

Билетите за настанот се достапни бесплатно за јавноста, а може да се набават на билетарницата на Кинотека на Македонија, секој ден од 17 до 20 часот. Културната манифестација „Недела на современиот израелски филм“ (3-7 декември 2018 година) се организира под покровителство на Министерството за надворешни работи на Израел, а во соработка со Кинотека на Македонија, Министерство за култура на РМ, Акта Нон Верба и Квир Сквер.