Филмовите „Во Плави Ноти“, „Донка“ и „Пепел“ премиерно во „Котур“

Во вторник (19 март), од 20 часот во Кафе-кино Котур премиерно ќе се прикажат три краткометражни филмови: „Во Плави Ноти“ на Јелена Бешир, „Донка“ на Александар Арсовски и „Пепел“ на Ѓорѓи Лазов.

Анимираниот краток филм „Во Плави Ноти“ по сценарио и режија на Јелена Бешир ја отсликува врската помеѓу авторот и нејзината работа, судирот помеѓу реалноста и имагинацијата. Филмот е инспириран од делото „Жена од слонова коска“ на писателот Иво Андриќ.

Покрај авторот во изработката на филмот учествуваа: Иван Ивановски анимација и скулптура, Небојша Петровиќ директор на фотографија, Балша Бошковиќ монтажер, продуцентите Милан Милосављевиќ (Србија) и Елена Станишева (Македонија), а музиката во филмот е на многупати наградуваниот светски композитор Chilly Gonzales, изведена од страна на Јелена Бешир и Ана Васиќ. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Р. Северна Македонија, Српскиот филмски центар и Министерството на култура на Р. Србија, а истиот е во продукција на “Студентски Град” – ДКСГ од Србија и ко-продуција на ВЕДА Филм Продакшнс од Македонија.

Краткометражните играни филмови „Донка“ и „Пепел“ се дипломски филмови на режисерите Александар Арсовски и Ѓорѓи Лазов кои се дел од првата генерација на дипломирани студенти на Филмската Академија во Штип при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Филмовите се снимени со поддршка на неколку спонзори кои веруваат во младите генерации на филмски уметници.

„Донка“ во режија на Александар Арсовски прикажува еден необичен ден на Надица која се успива и доцни за на испит. Во последен момент решава да и се јави на професорката и да ја излаже дека има смртен случај т.е дека починала баба ѝ. Но професорката ја известува дека испитот е одложен бидејќи и таа има смртен случај, и можеби ќе се сретнат во градската капела. Надица се наоѓа во небрано и решава да оди на градските гробишта заедно со нејзината цимерка Благица за да бараат мртовец и да ја истераат лагата до крај.
Во филмот играат: Изабела Јакимова, Сандра Танчева, Мелита Софрониоска, Марија Новак, Кирил Гравчев и Александар Ѓорѓиев.

„Пепел“ во режија на Ѓорѓи Лазов е научно-фантастична приказна која се случува во блиската иднина. Поради преголемата загаденост на воздухот од локалната фабрика во градот голем број на деца и луѓе умираат или се раѓаат со деформитети. Млад брачен пар се обидува да се справи со фактот дека нивната осум годишна ќерка ќе почине за неколку дена. Во филмот играат: Благој Веселинов, Наташа Петровиќ, Јелена Јованова, Драгица Кимовска, Марија М. Грковска.