Филмовите „Тимбукту” и „Земја и сенка” на „Браќа Манаки“ во Битола

Според програмата, денеска на ИФФК „Браќа Манаки“ во чест на полскиот кинематографер Ришард Ленчевски добитник на годинешната награда за животно дело „Златна камера 300“ во големата сала на Центар за култура ќе биде емитуван филмот „Ида“.

За публиката од градот, државата и странство денес на реперотарот се и два македонски филмски производи, односно документарецот „ТАТ – транзициска еуфорија или национална измама“ во режија на Сашо Миленковски, работен по сценарио на Петар Атанасовски и анимираниот филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ за кој сценариото го изработи Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а режијата е на Елеонора Венинова.

Третиот натпреварувачки ден на ИФФК „Браќа Манаки“ на филмофилите им ги нуди францускиот филм „Тимбукту“ на Абдерхамин Сисако чиј кинематографер е Софиан Ел Фани и копродукцискиот филм „Земја и сенка“ на Цезар Августо Ацеведо во кој камерата му е доверена на Матео Гусман.

Освен филмовите во конкуренција, претпладнево во 11 часот беше презентиран дел од опусот на карикатуристот, автор на бројни анимирани филмови Дарко Марковиќ кој како што е познато е годинашен лауреат и добитник на наградата „Златна ѕвезда на македонскиот филм“ што ја додели Друштвото на филмските професионалци на Македонија.

Оваа година на фестивалот има бесплатен влез за ученици, студенти, невработени лица и пензионери. За легитимација е потребно да се покаже студентски индекс, средношколска книшка, картон од Агенција за вработување и пензионерско картонче.