Филмови за турбулентната ’68 во септември во Кинотека на Македонија

Бунтовната атмосфера за време на револуцијата и протестите од 1968 година беше инспирација за Кинотека на Македонија да долови дел од ова време низ проекција на четири филмови. Проекциите се најавени за средината на септември.

На 17 септември (понеделник), во 20:00 часот е најавена проекција на чехословачкиот „Случај за неискусниот џелат“, во режија и по сценарио на Павел Јурачек.

Филмот е дел од чешкиот нов бран и жанровски може да биде дефиниран како надреална и апсурдна сатира на чехословачкото соцреалистичко општество од крајот на шеесеттите години на минатиот век. Јурачек со слободната (ре)интерпретација на романот Гуливеровите патувања на Џонатан Свифт (Gulliver’s Travels, Jonathan Swift), но и под силно влијание на делата на писателот Франц Кафка (Franz Kafka), како и романот Алиса во земјата на чудата на Луис Керол (Alice’s Adventures in Wonderland, Lewis Carroll), веднаш добил забрана за прикажување на неговиот филм, а потоа не снимил ниту еден филм.

Главниот лик Лемуел Гуливер (Лубомир Костелка) патува со автомобил низ непозната земја, доживува сообраќајна несреќа, па неговата авантура низ чудните предели ја продолжува пеш. По пат среќава исто толку чудни луѓе, или, поправо, суштества, како мртвиот зајак Оскар облечен како човек, од кого го зема часовникот. Наидува на полуразрушена куќа која му ги враќа болните спомени за љубеното девојче Маркета (Клара Јернекова) од детството, кое во меѓувреме се удавило. Гуливер пристигнува во земјата наречена Балнибарби, кадешто владејат чудни закони и правила, и тоа токму на денот кога на жителите им е наредено да молчат, а потоа е подвргнат на мачни сослушувања, без шанси да докаже дека тој не е зајакот Оскар, чиј часовник го наоѓаат во неговиот џеб…

Во вторник, 18 септември, е проекција на „Агресијата“, бугарски документарен филм во режија на Ана Петкова и по сценарио на Калина Андролова и Ана Петкова.

Темата на документарецот „Агресијата“ е однесувањето на дел од бугарските граѓани во периодот на загушувањето на Прашката пролет со инвазијата на трупите на Варшавскиот пакт во август 1968 година. На 29 октомври тројца студенти од Универзитетот во Софија се уапсени. Станува збор за Едвард Генов, Александар Димитров и Валентин Радев, слободоумни момчиња кои не прифатиле да живеат со лагите на пропагандната машинерија, туку отворено говорат за вистината на Прашката пролет. Филмот АГРЕСИЈАТА го поставува прашањето дали шеесетиосмата година се случила и во Бугарија? Продуцентката на филмот Галина Тонева вели дека е смирувачки да се види вистината, дури и кога злосторството минало без казна.

Режисерката Ана Петкова ќе биде гостинка на проекцијата на филмот. За неа документарниот филм не е само фактографија, туку поважна е провокацијата за свеста на индивидуалецот кој не сакал да учествува во колективната и тоталитарна политичко-воена машинерија.

На 19 септември, среда е филмот „Сонувачи“, од 2003 година во режија на Бернардо Бертолучи и сценарио на Жилбер Адер.

Американецот Метју (Пит) е на студентска размена во Париз, каде што го учи францускиот јазик. Во париската Кинотека ги среќава младите и слободоумни Тео (Гарел) и Изабел (Грин), брат и сестра, неконформистички настроени припадници на француското високо општество. Родителите на Тео и Изабел заминуваат на подолг одмор, па Метју се преселува во нивниот декадентен апартман. Надвор на улиците се случуваат мајските студентски демонстрации и жестоки судири со полицијата, а во апартманот се развива необичен љубовно-инцестуозен триаголник…

Бертолучи во режисерската постапка од време на време реферира на францускиот нов бран, кој не е само филмска, туку и културолошка супстанца на тој период во Франција, со големо влијание во Европа и САД.

Четвртиот ден е посветен на документарни филмови од СФР Југославија,и е насловен „Избор од филмски новости 1968“

Изборот од журналите на Филмски новости (Филмске новости) го опфаќа периодот на турбулентната 1968 година, во кој дефилираат тогашните највисоки политички раководители, предводени од Јосип Броз Тито.

Настаните забележани во Филмски новости ги опфаќаат седниците на републичките и сојузните политички раководства на владејачкиот Сојуз на комунистите, испраќањата и дочеците на Тито во странство, општествените активности, отворањето производни капацитети и туристички кампови, војната во Виетнам, протести против американската воена интервенција во Виетнам и против интервенцијата на трупите на Варшавскиот пакт, предводени од СССР, во Чехословачка, судбината на туристите од таа земја, кои останале заробени во Југославија…

Проекциите се од 20:00 часот.