Филмови со Марлон Брандо по повод 100 години од неговото раѓање во Кинотека

По повод 100 години од раѓањето на актерот и активист Марлон Брандо во Кинотека на Македонија на 17, 18 и 22 јуни со почеток од 20 часот ќе бидат прикажани филмовите „Да живее запата“, „Квемада – островот во пламен“ и „Апалуса“.

„Американски ловец, британски платеник и мексикански револуционер – во каква и да е улога, актерската легенда Марлон Брандо доминира на екранот. Неговото специфично, артистичко умеење секогаш ја фасцинира филмската публика“, истакнуваат од Кинотека.

Овие три наслови ќе бидат прикажани на лента од 35мм, односно во оригинален формат, како во времето кога биле премиерно прикажувани.

Филмот „Да живее запата“ (Viva Zapata) во режија на Елија Казан е американски вестерн филм од 1952 година, приказна за мексиканскиот револуционер Емилијано Запата, кој го игра Брандо, и неговиот пат од сточар до водач на востанието против корумпирата, угнетувачка диктатура на претседателот Порфирио Дијаз на почетокот на 20 век.

Додека пак, „Квемада – островот во пламен“ (Burn! / Queimada) е снимен 1969 година во режија на Џило Понтекорво. Дејствието во филмот се случува за време на колонијализмот кога британските власти испраќаат агент на еден тропски остров под португалска власт и негова задача е да ги поттикне робовите на бунт, за да може Британија да го преземе овој остров, познат по одгледувањето на шеќерна трска. Меѓутоа, кога Британците го заземаат островот и формално го укинуваат ропството, поранешните робови дознаваат дека прекумерната работа е исто така форма на ропство и одлучуваат повторно да се побунат.

„Апалуса“ е американски вестерн филм од 1966 во режија на канадскиот режисер Сидни Фурие, чија приказна се случува на Дивиот Запад во 1870-тите години. Овде, Брандо го игра Мет Флечер, мексиканско-американски ловец на бизони, вечен осаменик кој се враќа на пропаднатата фарма на границата со Мексико што ја водат децата на луѓето кои го одгледале.

Влезниците ќе чинат 150 денари, а возрасната група за која се препорачуваат филмовите е над 16 години.